Режисерот и сценаристот на „Сè за луѓето“ во Скопје

Во понеделникот (5-ти јуни 2017) се одржа Специјалната проекција на двојниот победник на 7. Филозофски Филмски Фестивал, германско-грузиската копродукција Сè за луѓето  (All About People) на режисерот Гиорги Абашишвили. На проекцијата во Скопје беа присутни режисерот и сценаристот на филмот, Гиорги Абашишвили (Giorgi Abashishvili) и Миријам Штен (Miriam Steen) кои допатуваа од Германија специјално за настанот. Гостите имаа шанса да го посетат Скопје, се запознаа со вработените во Кинотеката на Македонија и добија подароци од македонската кинематографија, а вечерта беа дел од дискусијата со публиката инспирирана од проекцијата на филмот.

По проекцијата на филмот, претставник на жирито – нашиот ценет режисер проф. Владимир Блажевски ја додели наградата од жирито, а модераторот на вечерта – селекторот на долгометражни филмови проф. Кирил Трајчев ја додели наградата од публиката. На дискусијата која следуваше по проекцијата, публиката беше љубопитна да дознае нешто повеќе за идејата зад кратките приказни на Сè за луѓето, за тоа како е филмот направен, но и за необично убавата музика што ги следи сцените. На крајот од вечерта, следуваше мал пригоден коктел со гостите и публиката во фоајето на Кинотеката на Македонија. Настанот беше организиран со поддршка на програмата Цивика Мобилитас, Германската Амбасада во Скопје и Best Western Хотел Турист.

Фотографии на Магдалена Аврамовска

Leave a Comment